Непознати напаѓачи убиле неколку полицајци и свештеник во Дагестан

Најмалку 15 полицајци биле убиени вечерта на 23 јуни кога вооружени напаѓачи отвориле оган врз синагога, православна црква и полициска станица во одделни напади во градовите Дербент и Махачкала во рускиот севернокавкаски регион Дагестан, соопштија руските власти.
Интерфакс пренесува соопштение од прес-службата на Министерството за внатрешни работи на Дагестан, која на Телеграм објави дека во нападите загинале шест полицајци, а 12 се ранети.
Портпаролката на Министерството Гајана Гариева изјави за РИА Новости дека во Дербент е убиен и 66-годишен свештеник.
„Вечерва во градовите Дербент и Махачкала беа извршени вооружени напади врз две православни цркви, синагога и полициска станица“, се наведува во соопштението на Националниот антитерористички комитет за РИА Новости.
Се додава дека „како резултат на терористички напади, според прелиминарните информации, загинале свештеник на Руската православна црква и полицајци“.
По нападот избувнал пожар во синагогата, а напаѓачите побегнале со автомобил.