Несреќа во рудник во Словенија – еден рудар загина, а двајца се исчезнати

Еден рудар загина, а двајца се водат за исчезнати во словенечкиот рудник за јаглен во Велење откако еден од тунелите се поплави и го затрупа големо количество тиња, јавува словенечки Н1.
Во моментот на несреќата на местото на ископот во рудникот имало 14 лица, од кои само тројца останале заглавени.
Несреќата се случила во вчеравечер во 19 часот и 10 минути.
Тунелот е затрупан со големо количество кал и тиња, па поради тоа словенечките медиуми пишуваат дека се очекува трагичен исход за двајцата рудари.
Полициската управа Цеље соопшти дека телото на рударот кој беше пронајден мртов е извлечено од рудникот.
Според информациите на словенечки Н1, спасувачите сè уште работат за да стигнат до затрупаните рудари, па дури и рачно ја откопуваат тињата од ископот.
Засега не се познати причините на несреќата.
Рудникот во Велење денеска ќе го посети и словенечкиот премиер Роберт Голоб, кој на социјалната мрежа Икс изрази жалење за трагичната рударска несреќа.