Несреќата на Дурмо Турс „вози“ кон ново судење

Можното враќање од почеток на судењето „Ласкарци“ ги револтира патниците кои ја преживеаја несреќата со автобусот на „Дурмо Турс“. Иако поминаа три години од несреќата, тие и ден – денеска имаат последици од сообраќајката.
„Болката е голема, особено за оние што ги изгубиле своите најблиски и за жал, три години сè уште нема епилог на случајот. Добро е надлежните органи да се занимаваат сериозно со оваа работа и да се излезе на виделина вистината, за да се знае кој е виновникот. Јас не можам да судам кој е виновникот, дали е шоферот или е автобусот, но, сепак случајот мора да има епилог и да заврши овој случај“, вели Јетон Исмаили, преживеан патник на „Дурмо Турс“.
„Ако оди од почеток, тогаш институциите за правда не направиле ништо. Бидејќи досега не е направено ништо. А, сега да чекаме којзнае уште колку време за да почне од почеток… Тогаш ништо не прават“, рече Мерсел Незири, преживеан патник на „Дурмо Турс“.
Поминаа 90 дена како нема ниту едно судење за случајот. Во таков случај, Законот за кривична постапка предвидува судењето да мора да почне одново.
Член 371 став 3 од Закон за кривична постапка
„…По испитување на странките, судијата, односно Советот, може да одлучи сведоците и вештаците да не се сослушуваат повторно, туку да се прочитаат нивните искази внесени во записниците од поранешната главна расправа.“
Ваков епилог моментално добива случајот „Ласкарци“ поради супервештачењето кое сè уште не е направено. Тоа треба да даде одговор на прашањето зошто излетал автобусот на „Дурмо Турс“. Дополнителната експертиза судот ја побара по презентирањето на три различни вештачења.
Во предметот им се суди на газдата на „Дурмо Турс“, Дурмиш Бељули, на возачот Маноил Трифуновски и на уште четворица вработени во фирмите на Бељули. Меѓу нив е и Техничкиот центар каде автобусот поминувал на преглед. Сите се бранат од слобода. Автобусот се преврте на автопатот Скопје – Тетово кај селото Ласкарци на 13 февруари 2019 година. Загинаа 16 патници, а триесетина беа повредни.
Игор Стефановски