Невладините бараат легализација на марихуаната

Марихуаната легално да се користи за лични и медицински потреби. Невладините бараат со промени на Законот за опојни дроги освен ова да се дозволи и да се одгледува марихуаната за лична употреба и да се отворат социјални клубови исто како угостителските објекти.
„Неправедно е на деца коишто употребуваат канабис за лична употреба да добијат кривични санкции, нивните можности во животот да им се уништат. Зошто? Затоа што пушеле џоинт“, вели Драгана Дрндаревска, Коалиција Маргини.
„И Светската здравствена организација веќе има издадено препораки да земјите членки потписнички ги преразгледаат своите легислативи во насока на декриминализација на личната употреба и во насока на декриминализација на употребата на марихуана“, рече Хајди Штерјова Симоновиќ, ХОБС.
Во барањето што ќе го достават до Владата, невладините организации ќе побараат и проширување на листата за здравствени причини за кои може да се користи маслото од канабис.
„Повеќето од луѓето кои ги носат законите кај нас веќе користат канабис. Од каде знам, знам. Многу е лицемерно полицаец кој знам дека користи канабис да ме уапси за џоинт. Тоа се случува нон-стоп. Тоа мора да престане“, вели Филип Достовски, Зелена алтернатива.
„И од кривично правен правен аспект, баш напротив не се оптоварени судовите со предмети коишто ги оптоваруваат граѓаните како на пример апсење за 5 грама, 10 грама и така натаму. Затоа ако ја видиме меѓународната пракса не гледам причина зошто ова да не се донесе“, рече Костадин Дуковски, „Макканабис“.
Со легализирање на марихуаната, невладиниот сектор очекува бенефит да има и државната каса, бидејќи за ова ќе се плаќа данок.
Игор Стефановски