Невниманието на граѓаните ја зголеми работата на дебарските пожарникари

Невниманието на граѓаните, пред сè земјоделците кои, по чистењето на земјоделското земјиште го палат отпадот, ја зголеми работата на дебарските пожарникари.
-Само во последните две недели на отворен простор имаме 25 интервенции. Станува збор за запален отпад при чистење на замејоделски површини, кога пожарот излегува од контрола, па неопходна е наша интервенција. Апелирам до земјоделците и до сите граѓани, кои се движат на отворено да бдат многу повнимателни, рече за МИА, Џетан Мифтароски, командир на Територијалната противпожарна единица.
Додава дека во изминатиот период од годинава евидентирале 50 интервенции, при што дури 38 се на отворен простор каде пожарите зафатиле нискостеблеста шума, сува трева, гранки.
Најчесто пожарите се случиле во пограничните населени места, Коњаре, Спас, Селокуќи, Шулан, како и во горниот дел на градот.
Останатите 12 пожари се на објекти, односно на оџаци, но поради брзата интервенција не е регистрирана поголема материјална штета.
Дебарската територијална петивпожарна единица интервенира и во општина Центар Жупа, како и подрачјето на Река, општина Маврово и Ростуше.