Невреме во Охрид го уништи родот

Невреме проследено со град го зафати охридскиот регион. Невремето траеше 40 минути и проценките се дека штетите се огромни. Земјоделците стравуваат дека повеќе од половина од родот им е уништен. Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков го свика кризниот штаб и рече дека има поплавени домови, дворови, а одредени улици се непроодни поради насобраната вода. Сите пумпи за исцрпување на вода со кои располага општината се ставени на располагање. Невремето предизвика огромни штети и на земјоделските култури во Дебрца. Градоначалникот на општината соопшти дека катастрофалните врнежи какви што не се паметат досега, 100 посто ги уништиле земјоделските кутури и бара веднаш да им биде исплатена помош на земјоделците зашто во спротивно ова ќе биде крај за нивната основна егзистенција.
„На земјоделските површини, очигледно штетите ќе бидат огромни. За тоа дополнителни ќе се сумираат сите резултати откако и земјоделците ги пријават своите штети. Така што, пред нас како општина е сериозна работа затоа што Охрид го зафати невреме кое траеше повеќе од половина час со град во големина на орев, природно и нормално е да има штета“, рече Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.