ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Незадоволство во СДСМ откако Филипче објави 11 нови имиња за локалните избори

Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, синоќа ги откри 11-те нови имиња на кандидати кои ќе се борат за градоначалнички мандат на локалните избори во октомври, меѓу кои и за Куманово, Охрид и Струмица.

Advertisements

Веднаш по објавата на кандидатите од страна на Филипче, градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој веќе два мандата ја води општината како кандидат на СДСМ, соопшти дека го замрзнува своето членство во СДСМ, сè додека, како што рече, „партијата не се врати таму каде што ѝ е местото“. Во изјава за Алсат, Костадинов – кој управува со една од ретките општини што СДСМ ги доби на последните локални избори – истакна дека не ја исклучува можноста да се кандидира за трет мандат како независен кандидат.

„Време е за трпение и мудрост. Овие денови разговарам со граѓани, партии, соработници околу краткорочни чекори – независна кандидатура или можност за настап со една или две независни советнички листи. Долгорочните мерки ќе ги објавам во првата фаза, некаде од средината до крајот на септември, а втората фаза е стратешко делување, кое ќе биде по завршување на локалните избори. Размислувам да се кандидирам како независен кандидат за Струмица.Идните чекори ќе ги објавам во септември”, пишува Костадинов.

Со интерес беше дочекано и името на Мартин Костовски, кој во Куманово ќе се соочи со поранешниот сопартиец и актуелен градоначалник, Максим Димитриевски – со кого имаше отворен судир на последните избори, по што Димитриевски ја напушти партијата и победи како независен кандидат. СДСМ тогаш настапи со Оливер Илиевски, но како и во повеќето општини, забележа пораз.

Костовски, во своја објава на Facebook, испрати порака до Димитриевски, кој од минатата година е дел од извршната власт во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

„Димитриевски ги издаде сите оние што гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пиун на Мицкоски и Тројански коњ кој треба да ја подели опозицијата и СДСМ. Човек што ги погази сите принципи и молчеше пред криминалот на своите коалициски партнери. Човек што ја наведна главата пред Мицкоски“, напиша Костовски.

Поради несогласувањата во СДСМ, неколку помали партии ја напуштија коалицијата и ќе настапат самостојно. Меѓу нив се партијата ДОМ и Партијата на пензионери.

Суад Бајрами

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button