
Десниот бек на Беса 1976, Меџит Незири, го најави претстојниот меч против Шкупи во Првата македонска фудбалска лига и најави подобри резултати на неговиот тим кој во последните три кола не успеа да забележи победа. Новајлијата во ПМФЛ има само еден триумф и трпеливо ја чека својата шанса, а Незири вели дека изненадувања се секогаш можни, па зошто тоа да не се случи на натпреварот во Чаир.
„Мечот против Шкупи ќе ни биде четврти во период од само десет дена. Ова ќе биде важен дуел со екипа која се бори за самиот врв во лигата. Знаеме дека изненадувања се секогаш можни, па ние како клуб ќе се обидеме да се прикажеме во добро светло.
Ни недостасуваат позитивни резултати, но мислам дека многу лесно можеме да ја пронајдеме виситинската форма. Ќе мора да внимаваме, знаеме колку силен тим е нашиот ривал, а воедно ќе се обидеме и да ја наметнеме нашата игра. Се надевам дека по поразот од Пелистер ќе се вратиме од Скопје со позитивен исход“, смета Незири.
Шкупи ќе ја има фаворитската улога на натпреварот со Беса, кој е закажан за 25 септември во 15:00 часот.