Ни Албанци во училиште, ни Македонците – заглави проблемот во Идризово

Во Идризово и понатаму нема решение, а учениците постојано губат часови од наставата. Министерот за образование Јетон Шаќири вели дека секој изгубен ден е на штета на децата. Ги повика родителите, особено на учениците Македонци, да ја кажат вистинската причина за бојкотот. Според Шаќири, родителите се жалат дека нема доволно простории во училиштето, но ниту тие ниту општината никогаш не побарале да се изгради нов објект.
„Апелирам до сите родители, без разлика на етничката припадност, да не преземаат револт или бојкот за каква било одлука на штета на децата. Имавме неколку средби и никогаш не беше кажано дека во училиштето Његош со отворањето на новата паралела ќе им се нанесе штета на другите ученици кои веќе посетуваат настава. Ако кажеме дека во истото училиште нема простор, јас ви кажав дека треба да достават проект за дополнителен објект“, рече Шаќири.
Од општина Гази Баба соопштија дека нема да имаат нов став за ова прашање сè додека градоначалникот не се врател од службено патување. Министерот ќе бара изгубените часови да бидат надоместени.
„Ќе побарам основното училиште писмено да ми ги предаде пропуштените денови со настава, токму деновите кога се протестираше. И од другото училиште каде децата не патуваат, каде бојкотираат, барам да поднесат извештај и врз основа на извештајот очекувам и нивен план како да ги надоместат часовите. Исто така, врз основа на Законот за основно и средно образование каде имаме задолжително образование, дел од обврските што произлегуваат од директорот, општината и министерството, мора да ги земеме сите во предвид“, додава Шаќири.
13-тте ученици Албанци од Идризово сè уште не почнале со шесто одделение во новата учебна година, бидејќи во основното училиште „Његош“ општина Гази Баба се изведува настава на албански јазик само до петто одделение. Решението на проблемот општина Гази Баба го гледа во изградба на ново училиште во Идризово и привремено организирање бесплатен превоз до основното училиште во село Огњанци општина Петровец. И учениците Македонци од ова училиште неделата ја започнаа со бојкот на наставата.
Мелихате Рустеми