МАКЕДОНИЈА

Ни судиите не му веруваат на судството

Освен граѓаните и самите судии во СМакедонија не веруваат дека судскиот систем е независен. Истражување на Антикорупциска спроведено меѓу судиите донесе алармантни податоци за влијанија од сите страни во нивната работа. Велат дека состојбата е безнадежна бидејќи не постои ефикасен механизам за заштита од надворешни влијанија.

Ова истражување беше поддржано од Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Шефот на ОБСЕ Килијан Вал рече дека извештајот ги покажува искуствата на судиите и обвинителите, расветлувајќи ги ризиците и слабостите што го попречуваат спроведувањето на правдата.

„Еден од највознемирувачките наоди на оваа оценка е широко распространетата недоверба во функционирањето и независноста на Судскиот совет и правдата при постапките поврзани со именување, унапредување и разрешување на судии. Судиите и јавните обвинители изразија силни сомневања за способноста на нивните соодветни Совети да ја задржат судската независност и да донесуваат автономни и независни одлуки. Преку гласот на судиите и обвинителите, оваа оценка го оспорува статус-квото, ги прикажува нивните итни грижи и ја нагласува итната потреба за развој на поефикасни механизми за борба против корупцијата“, рече Килијан Вал, шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Судиите велат дека 42% од нив доживеале притисок и обиди за влијание од нивни претпоставени, како што се претседателите на судовите.

Судиите се чувствуваат под притисок и од претставниците на политичките партии. Повеќе од една третина откриле дека политичари се обиделе да влијаат врз нивната работа. Ниту извршната власт, во овој случај Владата, Министерството за правда и Министерството за внатрешни работи, не ги оставаат на раат, па 36% од судиите рекоа дека овие институции се обиделе да влијаат врз нивната работа.

Заменик-амбасадорот на САД, Ерик Мајер, зборуваше со остар тон за состојбата со владеењето на правото во земјава. Тој дури рече дека мора двапати да размисли дали да дојде на некој настан бидејќи, според него, САД постојано алармира за ситуацијата.

„Проценките за ризиците од корупција можат да бидат корисни само ако податоците се претворат во активности, како што се закони, стратегии и правила. Ова ќе останат само зборови ако недостасува нивна примена и вистинска посветеност од страна на лидерите. Сите знаеме дека нешто мора да се промени, дека состојбата на статус-кво овде не функционира. Во амбасадата на САД, рутински слушаме за обвинувања за корупција, најчесто слушаме за политичко влијание во судството, без разлика дали станува збор за назначување судии, разрешувања или исход од случаи и одложувања“, рече Мајер.

Судиите, освен за меѓусебното работење, не веруваат ниту дека највисоката институција на судството, Судскиот совет, работи во насока на заштита на независноста на фелата, па 72% од нив одговориле дека оваа институција не работи во вистинската насока.

Како највисок ризик од корупција во судството, судиите оценуваат дека се можните злоупотреби на вештаците кои често можат да ги подготват извештај во корист на нарачателот, потоа злоупотреба од страна на адвокатите со цел да се одложи постапката, како и нискиот квалитет на обвиненијата.

Ардит Рамадани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button