Никој сè уште не одговора за незаконското прислушување

Дали и колку години затвор ќе добијат поранешните први луѓе во МВР за масовното прислушување и уништување на апаратите за следење? Случајот „Таргет – Тврдина“ кој го отвори згаснатото СЈО e пред правосилна пресуда на Апелациониот суд. Петмина судии ги слушнаа аргументите на обвинителството и на одбраната зошто треба да се потврди пресудата на кривичниот суд и зошто таа треба да се укине.
Апелација има опција да донесе пресуда со која ќе се смени висината на затворските казни, ќе се потврдат пресудените од кривичен или ќе се укинат. Последната опција значи и враќање на судскиот процес на самиот почеток пред скопска „единица“.
Судењето против шефот на Петтата управа која прислушувала Горан Грујевски и неговиот соработник Никола Бошковски кои избегаа во Грција, екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков, како и поранешната прва полицајка Гордана Јанкуловска почна во декември 2017 година и целата судска постапка траеше повеќе од три години, до февруари лани.
Највисоките казни од по 15 години затвор ги добија двоецот Грујевски и Бошковски кои и ден – денска се во бегство. Мијалков беше осуден на 12 години затвор, а во меѓувреме му застаре едно од трите кривични дела – Примање награда за противзаконито влијание, со што на него казната по автоматизам ќе му се намали за три години.
Јанкуловска беше осудена на 4 години. Но, никој од нив не е во затвор за „Таргет Тврдина“ бидејќи пресудата мора да биде правосилна. Меѓу 2008 и 2015 година според незаконски, без сдска наредба се прислушувале повеќе од 4 000 телефонски броеви. Во тој период биле прислшувани над 20 000 граѓани. Аферата со масовното прислушување беше објавена од СДСМ во 2015 година, во владеењето на ВМРО – ДПМНЕ.
Игор Стефановски