Николовски: Не коментирам ставови на нелегитимната влада во Софија

Политичките тензии меѓу Скопје и Софија повторно се интензивираат. Вицепремиерот Александар Николовски на прашањето за последниот став на Софија рече дека нема да ги коментира позициите на нелегитимна влада која бара политички поени на сметка на Македонија.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека очекува формирањето на политичката влада во Бугарија да отвори можност за повторно преговарање за прашањето за почеток на преговорите на Скопје со ЕУ.
Бугарското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека владата на Бугарија е легитимна влада која ги има сите прерогативи да управува со земјата. Според бугарското МНР, Софија останува отворена за дијалог, без разлика кој ќе управува. Но, како што истакнаа, тој дијалог не вклучува повторно преговарање за веќе преземените обврски од Скопје.
„За жал, изјавата на премиерот на Република Северна Македонија уште еднаш отворено ја доведува во прашање европската перспектива на неговата земја. На властите во Скопје треба да им биде јасно дека напорите за покренување идеи за повторно преговарање за веќе преземените меѓународни обврски може да доведат само до дополнително оддалечување од почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Овој наш став нема да се смени ако на чело е преодна или редовна влада“, наведоа од бугарското МНР.
Бугарија повторно ќе одржи избори во декември по неколку неуспешни обиди за формирање политичка влада.
Фатлуме Дервиши