Ништо од ветувањето за втора албанска паралела во велешката гимназија

Отворањето на втората албанска паралела во велешката гимназија „Кочо Рацин“ остана само ветување на хартија и покрај тоа што беше предвидена на конкурсот за оваа учебна година. При посетата на Алсат во Велес, учениците со кои зборувавме ни рекоа дека наставата ја следат во еден клас.
Покрај немањето нов клас, учениците Албанци во велешката гимназија се соочуваат и со недостиг на албански наставнички кадар. Како што ни рекоа, речиси сите предмети ги учат на македонски.
„Никогаш не сме имале час по математика, хемија еден или два часа, а другите се на македонски“, вели еден ученик.
„Претходно само еден имавме, сега дојде професорот по хемија и историја, другите беа на македонски јазик. Велат дека ќе дојде и професор по математика, но засега нема ништо. Дали тоа значи дека не сте имале час по математика? Не, веќе два месеци немаме држено час и не знам како ќе поминеме со часовите, како ќе држиме настава“, додаваат учениците.
„Не дека не се трудиме да учиме, туку имаме многу мака да се изразиме на македонски јазик. Многупати се има случено да сум учел, но не знам да се изразам, па секогаш ми ставаат лоша оценка затоа што не знам добро да зборувам“, рече еден ученик.
Некои од учениците помислуваат да се префрлат во училишта во други градови каде наставата се изведува на албански.
„Сакав да се преселам во Скопје, но од семејството не ни даваат, велат тука е поблиску, заврши тука. Тешко е, веќе девет години учевме на албански, па сега ни е тешко. Не можам да добијам повеќе од тројка“, рече еден ученик.
Министерот за образование Јетон Шаќири пак, уверува дека отворањето на втора албанска паралелка не е затворено прашање.
„Прашањето не е затворено и конечно затоа што според бројот на ученици конкурсот е отворен и класот може да се подели кога ќе се обезбедат кадровски капацитети. Зашто, не сакам ако учениците се разделат, да имаат неквалитетни наставници во процесот. За секој предмет што ќе обезбедам кадар од Скопје, од Тетово, кадарот ќе биде прифатен од општината и училиштето“, изјави Шаќири.
Во гимназијата „Кочо Рацин“ од прва до четврта година учат повеќе од 80 ученици Албанци, но најголем дел од предметите ги учат на македонски.
Мелихате Рустеми