Ниските утрински температури предизвикаа штети кај овошките во Тиквешко

Ниските утрински температури предизвикаа штети кај овошките во Тиквешко, за МИА потврдија од подрачните единици на Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството, во Кавадарци и Неготино. Оттаму појаснија дека утринава температурата паднала околу минус пет степени и дека првичните согледувања се дека штети има кај овошките на пониските места, покрај Вардар и Црна Река.
-Дополнителните проверки на терен ќе ја дадат вистинската состојба околу тоа кои микролокации претрпеле штети и колкав е процентот на мрзнење од ниска пролетна утринска температура, рече Драган Николов, советник во кавадаречката подрачна единица.
Тој нагласи дека некои од овоштарите, во обид да го спасат годинашниов род, палеле огнови од органски отпад околу овошните насади, со цел да спречат мрзнење на папките кај овошните дрвца. Но, за разлика од организираноста во овој поглед во други држави, овде се уште се работело за изолирани случаи и не многу раширена пракса за заштита.