Низ Македонија се горат КАНЦЕРОГЕНИ ПЕЛЕТИ за греење?

Колку се квалитетни пелетите на домашниот пазар? Алсат неофицијално дознава дека инспекциските служби имаат сомневање дека некои од пелетите на домашен пазар може да содржат материјали кои испуштаат канцерогени честички во воздухот по согорувањето. Одговорноста да се провери дали цврстите биогорива за греење ги исполнуваат или не стандардите наведени во безбедносната листа паѓа на Пазарниот инспекторат. Сепак, од овој инспекторат велат дека досега не се направени проверки затоа што немало лабораторија за таква анализа.
„Има лабораторија која има опрема која може да потврди некои карактеристики на пелетите, но не ги покрива сите барања. Државниот пазарен инспекторат во наредниот период ќе го засили надзорот на овој вид производи, како кај производителите, така и кај увозниците…“, велат од Пазарниот инспекторат.
Од Инспекторатот велат дека стандардите за општа безбедност на цврстите биогорива за греење се задолжителни и за производителите и за увозниците. Мал е бројот на домашни компании кои се занимаваат со производство на пелети. Тие успеваат да задоволат низок процент од потребите на домашниот пазар, па затоа нашата земја најголемо количество увезува од земји како Србија, Албанија, Босна и Косово. При купувањето на пелети, граѓаните треба да внимаваат на амбалажата на која треба да ги има ознаките за квалитет А1, А1 премиум и Б.
Еви Шкопи