Низа настани ги заострија меѓуетничките односи во 2024
Низа настани ги заострија меѓуетничките односи во 2024

Во 2024 година, Северна Македонија се соочи со серија инциденти кои ги зголемија меѓуетничките тензии во земјата.
Ситуацијата кулминираше за време на прославата на 28 Ноември, кога имаше неколку инциденти поврзани со сквернавењето на албанското и националното знаме. Во Скопје група поединци го искинаа државното знаме, додека во неколку други случаи беше пријавено отстранување или сквернавење на албанското знаме. Овие случаи доведоа до апсење на 17 лица и дисциплинска постапка против полицаецот кој го тргна албанското знаме во Куманово.
Ниту во спортот не изостанаа меѓуетничките тензии. Фудбалската федерација на Северна Македонија одлучи последните два натпревари од првата половина од сезоната 2024-2025 да се одржат без присуство на публика.
Овие мерки предизвикаа остри реакции кај властите и политичките партии, продлабочувајќи ги меѓуетничките поделби.
Од една страна, првиот човек на ДУИ упати писма во кои повикува на зачувување на меѓуетничките односи. Лидерот на СДСМ повика на лидерска средба за безбедносната состојба во државата. Од друга страна, власта ги обвини претставниците на опозициските партии дека манипулираат со младите за да предизвикаат инциденти и да ја дестабилизираат државата.
Уште една жешка тема на политичката сцена која поттикна меѓуетнички тензии и жестоки дебати во Собранието беше Законот за Бранителите. СДСМ на почетокот на септември до Собранието достави предлог/закон за посебни права на бранителите, но на истиот се спротивставија албанските партии кои сакаа, паралелно со статусот на бранителите да се регулира и статусот на поранешните војници на ОНА. Законот не беше разгледан во Комисијата за социјални работи, бидејќи претседателката на комисијата Илире Даути од Европскиот фронт одби да го стави на дневен ред. Албанските партии во парламентот беа против овој закон, а истиот имаше поддршка од македонските партии. Во ноември имаше нови обиди и континуирани блокади и дури на крајот на годината не беше најдено решение за овој закон.
Балансер
Уставниот суд на 9 октомври го укина балансерот, механизмот што ја регулираше „правичната исоодветната“ застапеност на заедниците во државните институции. Оваа одлука влијаеше и на вработувањата во јавната администрација и предизвика низа реакции во јавноста.
Закон за употреба на јазиците
Уште една тема што предизвика меѓуетнички тензии во земјата беше Законот за употреба на јазиците. Законот беше ставен на разгледување на Уставниот суд, откако по пет години беше изваден од фиоките на судот. Првично беше кажано дека само 2-3 члена ќе бидат предмет на разгледување, потоа се покажа дека целиот закон е оспорен освен членот 1 за употреба на македонскиот јазик. По многу реакции во јавноста, Судот го пролонгираше предметот со повеќе иницијативи со кои се оспоруваат членовите од законот за употреба на јазиците, а предметот ќе се најде на следната седница во март 2025 година.
Ајнур Баќари