Нормализирана е состојбата со пожарот во тетовско Фалиште

Пожарот што вчера го зафати магацинот во тетовското село Фалиште и денеска продолжи да гори, но со помал интензитет.
„Всушност тоа се мали пожари кои одвреме-навреме се шират од запаливи материјали кои се наоѓаат внатре во зградата. Ги правиме последните напори пожарот да се стави под целосна контрола и целосно да се изгасне“, рече Авни Амети, раководител на противпожарна бригада, Тетово.
Првите неофицијални информации велат дека пожарот најверојатно бил предизвикан од проблеми со струјата. Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, рече дека според податоците во магацинот имало 14 тони бои и лакови.
Воздухот во Тетово денеска е чист. Од Институт на Јавно Здравје соопштуваат дека поради синоќешните врнежи од дожд и ветер, повеќе не важат препораките да не се отвораат прозорците и граѓаните да не излегуваат надвор.
Башким Сулејмани