
Проширувањето на позитивната листа на лекови, изградбата на Ургентниот интернистички центар и решавањето на хаосот со паркинг во Клиничкиот центар, се меѓу трите главни приоритети на новиот министер за здравство Фатмир Меџити. Меџити во првото појавување пред медиумите, меѓу другото, рече дека неговото доаѓање на чело на Министерството за здравство, значи продолжување на проектот на новиот Клинички центар, кој се ветува веќе долги години.
„Многу е важно да се обидеме да ја решиме хаотичната сообраќајна состојба на Клиничкиот центар Мајка Тереза, и комплексот Мајка Тереза. Разговаравме со сите институции, ќе ни треба малку време, има физибилити студија за ова и ќе видиме. Ова е последен момент, вака не може да продолжи. Втората и многу важна работа ќе биде лекувањето на пациентите со модерна, поиновативна терапија. Тоа ќе биде списокот на лекови што не е променет повеќе од десет години, а ние дефинитивно мораме…“, рече Меџити.
Што се однесува до барањата на Синдикатите за зголемување на платите на здравствените работници, Меџити рече дека е подготвен да ги исполни барањата на синдикалците.
„Нема не може, мора да најдеме решение. Мора да најдеме решение. Тука ја имам и поддршката на премиерот за да почнат во здравството работите да одат напред. Мора да функционира здравството, тоа е за доброто на сите“, додава Меџити.
Синдикатите на здравствените работници, веќе неколку месеци бараат повисоки плати и измени на законот за плати. Тие пред една недела протестираа поради непочитување на нивните барања, а се закануваат со дополнителни протести низ Македонија ако не се решат нивните барања. Рокот што го дваат е крај на следната недела.
Вјолца Алити