
За неколку дена Балкан енерџи груп ќе почне да испорачува топлинска енергија од три часот по полноќ. Целта, според Балкан енерџи груп е да се постигне пропишаната температура од 6 до 22 часот. А, со тоа, оптимизираниот режим на испорака ќе овозможи да се зголеми квалитетот и комфорот на живеење. Од компанијата уверуваат дека сметките на домаќинствата и компаните кои се приклучени на системот за топлинска енергија на БЕГ ќе останат исти.
Од БЕГ додаваат дека количината на потребната топлинска енергија ќе остане непроменета, бидејќи со зголемувањето на времето на испорака ќе се намали ангажираната моќност на објектите. Оваа одлука на БЕГ за порано стартување со испорака на топлината во дистрибутивниот систем, доби одобрување од Регулаторната комисија за енергетика. Испораката ќе започне веднаш штом одлуката ќе биде објавена во Службен весник.