Нов закон за осигурување на земјоделските култури

Завршени се консултациите, дефиниран е моделот и во тек е постапката за донесување на законот за земјоделско осигурување кој предвидува максимално осигурување на земјоделските култури. Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, очекува овој закон да ги помине филтрите на Собранието и да послужи, како што рече, како дополнителен мотив земјоделците да добијат отштета при некоја непогода и да продолжат со производство.
Во однос на штетите од обилните врнежи кои ги зафатија повеќето земјоделски култури, што придонесе за намалување на бројот на земјоделски производи, Николовски рече дека согласно Законот за заштита и спасување, најголема одговорност во овој дел имаат општините. Тој појасни дека претставниците на општините треба да излезат на терен, да направат записник и по одобрувањето на елаборатите во општинските совети да ги достават до државната комисија за штети.
Министерството за земјоделство преку програмата за мали производители денеска додели неповратна финансиска поддршка во форма на грант до 10 илјади евра, за инвестиции во фарми за животинско потекло.
Ајнур Бафќари