Нова кривична против Рамиз Мерко

Нова кривична пријава против струшкиот градоначалник. Основното јавно обвинителство поднесе Обвинителен акт против 11 физички и едно правно лице во врска со бесправно градење на објект кај базенот на хотелот “Дрим”, помеѓу кои како трето обвинет е актуелниот струшки градоначалник. Според обвинението, сопственик на фирма во мај 2019 година поднел барање за реконструкција на базенот во хотелот, но од струшкиот градоначалник добил дозвола да изгради цел објект.
ОЈО Струга:
„Градоначалникот на Општина Струга, третообвинет во предметот, постапувајќи по барањето, наместо да го одбие или да дозволи реконструкција во постојниот габарит на објектот, во јули 2019 донел одобрение за градба со кое на инвеститорот му овозможил да изгради и да се стекне со имотна корист – недвижност, односно дополнителен кат на објектот со отворена галерија и тераса, со вкупна бруто површина од 513 м2 и проценета вредност од 781.527 евра. Со ова тој ги пречекорил границите на своите службени овластувања, постапил надвор од барањето за реконструкција и спротивно на постапките пропишани во Законот за градба, а со цел за друг да прибави имотна корист“.
Но, од ОЈО утврдиле и дека габаритот на објектот во тек на градба двојно порснал. „Инвеститорот и управителот извеле целосно затворен кат со хотелски апартмани и спа-центар и уште една надградба – кат со затворен ресторански дел и помошни простории. Вкупната површина на бесправно изградениот објект изнесува 1.630 м2“. велат од ОЈО.
Меѓу обвинетите се и референтот и раководителот на Секторот за урбанизам во Општина Струга и вештаци кои тврделе дека изградениот објект е во рамките на основниот проект.
ОЈО Струга:
„Седум обвинети во предметот се вештаци од областа на градежништвото, архитектурата и урбанизмот кои давале лажни наоди и мислења во кривичната постапка за бесправно градење“.
Основното јавно обвинителство Струга, водејќи ја истрагата за овој предмет наредило три вештачења – во 2021, 2022 и 2023 година и сите тие во наодите тврделе дека бесправно изградениот објект според внатрешната површина и висина одговара на техничката документација од основниот проект. Тие не навеле дополнителни забелешки за реалната состојба на лице место, а сите отстапувања ги констатирале како законски уредени измени при градење.Првообвинетите- правното лице и управителот се обвинети за кривично дело – бесправно градење, градоначалникот за – Злоупотреба на службена положба и овластување, двајцата други службеници во Општината како соизвршители за кривично дело – Несовесно работење во службата, а вештаците за – давање лажен исказ.
Мики Трајковски