Нова работна група за разгледување на планот за новиот Клинички центар
Нова работна група за разгледување на планот за новиот Клинички центар

Владата не се откажува од реализацијата на новиот Универзитетски клинички центар и покрај речиси двегодишната политичка блокада, сега формира нова работна група составена од по два члена од секоја политичка партија. Како што неофицијално дознава Алсат, групата како локација за изградба на Клиничкиот центар го разгледува Ѓорче Петров. Но, министерот за здравство Беким Сали рече дека со ангажирање на опозициската ВМРО во оваа група се надеваат дека повеќе нема да има блокади во Собранието.
“Работната група која веќе треба да биде функционална и наскоро повторно ќе биде промовирана ќе треба да утврди кои се потребите на нашето примарно, секундарно и терциерно здравство и во овој случај ќе се утврди кој ќе биде спасувачкиот проект на здравствениот систем“, изјави Беким Сали, министер за здравство.
Сегашниот Клинички центар „Мајка Тереза“ се простира на 20 хектари. А новиот се очекува да има 4 пати повеќе простор, каде покрај клиниките се предвидува да биде и Факултетот за медицински науки и камп за студенти по медицина. Прогнозите се дека целиот проект ќе чини од 400 милиони до половина милијарда евра, бидејќи покрај државното земјиште се очекува и експропријација на приватно земјиште. Министерот за здравство Беким Сали рече дека на располагање се три локации, но најприфатлива досега е онаа во Ѓорче Петров.
„Иако не се зборуваше многу бидејќи бевме во фаза на координативни разговори со сите можни фактори кои ќе бидат вклучени во овој процес, сепак има многу движења. Клиничкиот центар е проект за кој се зборува скоро 17 години и за жал сè уште не е дојден до фаза да започне со реализација на терен“, нагласи Беким Сали, министер за здравство.
Пред 12 години, Европската инвестициска банка иницираше физибилити студија за овој Центар. Тогаш се планираше да се гради во близина на Психијатриската болница Бардовци и населбата Злокуќани на периферијата на Скопје, на површина од 94 хектари.
Аднан Ќаили