ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Нова сезона, стар проблем – во Струга и околината повторно снемува вода

Како се наближува летото, стружани повторно се соочуваат со проблеми со водоснабдувањето. Оние кои живеат на повисоките катови во зградите велат дека многу често немаат вода или водата која ја добиваат е со многу слаб притисок. Проблеми има во разни делови на градот.

Advertisements

„Секој ден немаме вода. Стануваш наутро, нема вода. Доаѓа попладне околу 14-15 часот и тоа со намален притисок…“, вели жителка на Струга.

„…Kритично е и ова е голема штета за Струга. Има некој проблем, но народот, стружани, не знаат во што е проблемот со водоснабдувањето бидејќи некогаш водата е матна и не е за пиење…“

„Не можат да го решат проблемот бидејќи нема интерес, нема расположение да се одлучува. Народот чека, но џабе“, реагираат граѓаните.

Реагираат и угостителите. Велат проблемот со водоснабдувањето им создава проблеми во нормалното функционирање.

„Често пати немаме притисок. Кога немаме притисок, не можеме да направиме кафе за луѓето. Редно време е веќе да седнат луѓето од Проаква и да го решат проблемот бидејќи многу долго трае…“, вели Илкер Гаваз-угостител.

„…Водата треба да е чиста и питка за населението, плус и за миење садови и за чистење. Водата е клучниот елемент за нашата професија“, додава Ајруш Мифтари-угостител.

Со проблеми и рестрикции во водоснабдувањето Струга се соочуваше и во зимскиот период. Од јавното претпријатие Водовод и канализација тогаш ветуваа дека се работи на решавање на проблемот, преку изнаоѓање на алтернативни начини на снабдување. Една од опциите беше да се црпи вода од езерото, но за проектот нема пари. Директорот на Водовод и канализација, Дашмир Насуфи за Алсат рече дека овие денови снемува вода поради санација на стариот водоводен систем. Освен тоа, тврди и дека на многу места водата се злоупотребувала, па од утре шест тимови ќе тргнеле на терен за да ги лоцираат дивите приклучоци.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button