
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров најави дека претставници на Русија и САД денеска ќе се сретнат во Истанбул за да разговараат за решавање на билатералните спорови, кои се дел од поширокиот дијалог што го сметаат за клучен за ставање крај на војната во Украина.
Разговорите ќе се фокусираат на создавање подобри услови за руските дипломати во САД и за нивните американски колеги во Русија, по серијата несогласувања околу бројот на персоналот и имотот во амбасадите.
„Исходот од разговорите во Истанбул ќе покаже колку брзо и ефикасно можеме да дејствуваме“, рече Лавров.
Стејт департментот на САД соопшти дека разговорите во Истанбул нема да вклучуваат никакви директни дискусии за Украина, но, сепак, ќе се гледаат како тест за желбата на Москва вистински да се ангажира.
„Да бидам јасен, нема политички или безбедносни прашања на агендата. Украина не е на агендата. Конструктивноста на овие разговори ќе стане очигледна многу брзо – или ќе се решат прашањата или нема. Наскоро ќе знаеме дали Русија навистина е подготвена да се вклучи со добра волја“, рече портпаролот на Стејт департментот.