МАКЕДОНИЈА

Нова жртва на сообраќајна несреќа во Скопје

Уште една сообраќајна несреќа со трагичен крај во земјава – 26 годишен возач ноќеска неколку минути по полноќ усмрти 78-годишен велосипедист. Полицијата соопшти дека велосипедистот загинал на лице место откако им подлегнал на повредите, додека на местото на настанот увид е извршен и од страна на јавен обвинител. Првично не е утврдено дека возачот бил под дејство на алкохол.

Advertisements

„Непосредно по настанот, кај возачот не е регистрирано присуство на алкохол, меѓутоа сепак се земени примероци од крв и урина за дополнителни анализи. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, како и наредба за обезбедување на евентуални снимки од видео надзор, наведуваат од ОЈО.

Покрај овој случај, денеска е уапсен и 19-годишникот кој во текот на попладневните часови вчера во сообраќајна несреќа на патот Тетово-Гостивар, управувајќи со Мерцедес со словенски регистарски таблички усмрти 81-годишната жена од Охрид, која била во другото возило. Во несреќата имало уште две потешко повредени лица.

„Со тешки телесни повреди се здобиле В.В. (47) и С.В. (69) од Охрид, сопатници во возилото “пежо”, кои со возило на Итна медицинска помош се пренесени во Ургентен центар Гостивар за укажување на лекарска помош. Извршен е увид од ОВР Гостивар и јавен обвинител, по чија наредба возачот А.А. е лишен од слобода и против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат од МВР.

Пред два дена пак, во Скопје, возач кај кој било утврдено присуство на алкохол од 1,35 промили прегази жена на пешачки премин, на која потоа и беа констатирани тешки телесни повреди. Сите овие несреќи и пропусти на возачите во голем дел од нив, доаѓаат во време кога се засилени сообраќајните контроли откако на 29 јануари годинава 20-годишниот Васил Јованов на пешачки премин на црвено светло, под дејство на алкохол и со брзина над дозволената ја усмрти 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино. По овој случај, само во месец февруари полицијата казни над 2.000возачи без дозвола, над 600 во алкохолизирана состојба, а 7.470 добиле казни поради возење со брзина над дозволената.

Михајло Донев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button