Новата македонско-бугарска економска комисија вети ПРУГА до 2027 година

Бизнисмените од Македонија и Бугарија кои ќе се соочат со дискриминација при намерата да бидат странски инвеститори, ќе добијат заштита од нaјвисоко политичко ново. Ова го соопштија двајцата претседавачи на комисијата за економија помеѓу двете земји, министерот за финансии Фатмир Бесими и бугарскиот министер за инвестиции Даниел Лорер.
„Не знаеме дали во моментов има такво нешто, но исклучително е важно да сме максимално отворени кон јавноста и во Северна Македонија и во Бугарија за да знаеме дали тоа се случува и какви мерки ние како администрација преземаме за тоа да се реши. Од двете страни имаме еднакви економски цели “, вели Даниел Лорер – министерот за иновации и раст на Република Бугарија.
„Идејата е да има механизам за транспарентност за инвестициите да не постојат евентуални дискриминации. И на највисоко политичко ниво би се осознало дека некој од инвеститорите дека има проблеми во однос на бирократија и постапките “, вели Фатмир Бесими министер за финансии.
По најавата дека до 2027 година пругата кон Бугарија ќе биде готова, денеска стаса потврда дека и од бугарска страна ќе се забрзаат градежните работи. Проблем ќе остане тоа што не сме поврзани со автопати тоа е една од главните пречки за подобра бизнис релација. На првиот состанок оваа економска комисија ги отвори и темите за заеднички пристап кон технолошкиот развој, усогласување на регулативи и слично.
Комисијата ќе одржи состанок со бизнис здруженија на Македонија и Бугарија за да ги чуе нивните барања. Досега тие беа јасни, за успешен бизнис се потребни модерни патишта, елиминирање на прекугранични бариери и на високите даноци за увоз и извоз.
Иле Петревски