
Сметките за вода на граѓаните на Скопје би можеле минимално да се намалат или да се зголемат најмногу до 30 денари месечно. Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги објави дека за Јавното претпријатие Водовод и Канализација Скопје предлага минимална цена од 31,5 денари метар кубен вода и максимална од 34,2 денари. Моменталната цена изнесува 31,8. Доколку Водовод Скопје донесе одлука да ја прифати крајната цена, а со тоа се согласи и Советот на Град Скопје, тогаш сметките на скопјани ќе бидат повисоки за 30 денари.
Цена на вода:
Моментална цена 31,8 денари метар кубен
Минимална цена 31,5 денари метар кубен
Максимална цена 34,2 денари метар кубен
„Сметам дека 29,5 денари или 30 денари не претставува никаков проблем за граѓаните. Тоа се само 30 денари на месечно ниво и тоа ако се реши Водовод и Канализација Скопје а понатака и Советот да се прифати максималната тарифа“, рече Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.
Оваа одлука треба да биде донесена за околу 150 дена. Регулаторот тарифите ги прави во однос на трошоците кои ги доставуваат јавните општински водоводни претпријатија. Највисоките трошоци овој период се за сметките за струја за водните пумпи, а најголем дел од овие компании струјата ја набавуваат од слободниот пазар. Инаку, поразителен е податокот што дури 65 отсто на државно ниво од водата за пиење се губи на патот до крајните корисници. Регулаторот апелира водоводните компании да ги искористат приходите за инвестиции во нова инфраструктура.
Иле Петревски