Нови 27 откази во скопска Комунална хигиена

Уште 27 вработени во ЈП Комунална хигиена во Скопје синоќа добиле откази. Тоа го дознале откако отишле на работа во трета смена, каде се прочитале на огласната табла.
Избрканите се учесниците во протестите, а 10 од нив биле на позиција „одговорни на блокови“, седуммина вработени кои собираат смет, пет возачи на специјални тешки товарни возила, еден одговорен на смена како магационер, чистач, возач на лесно специјално возило за товарење и возач на мало возило што чисти патишта. Вработените три дена по ред протестираа со барање за повисоки плати, исплата на К-15 и други услови.
Ден претходно на прес-конференција градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и директорката за претпријатието, Косана Мазнева, изјавија дека во ова претпријатие имало големи злоупотреби. Биле вработени 70 лица од едно семејство, а 43 од друго. Обвинија дека постоеле мафијашки кланови, па само одредени лица работеле ноќна смена, а некои од нив и воопшто не оделе на работа, а земале плата живеејќи и работејќи во Германија. Над 30 лица со години живеат во Германија, но земале месечни плати од Комунална хигиена.
На прашањето колку кривични пријави се поднесени во МВР за вработените кои земале плата, а не оделе на работа и дали ќе има пријава и против директорката Мазнева која 11 месеци толерирала такво нешто, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, одговори дека кривичните пријави се доставени до Обвинителството.
Полицијата поднела пријава против вработен кој пред две ноќи нападнал свои колеги. Спасовски очекува Инспекторатот за заштита на животната средина, Општинскиот инспекторат и инспекторите од Град Скопје, да достават извештај за запрената работа на претпријатието.
Вработените вчера го прекинаа протестот и се вратија на работа, но порачаа дека ќе продолжат да инсистираат на своите барања на друг законски начин.
Мефаил Исмаили