
За денеска (4 јуни) во Брисел се најавени протести на земјоделците од повеќе европски држави на кои се очекува да го изразат своето незадоволство од земјоделската политика на ЕУ, договорите за слободна трговија на Унијата и регулативите на блокот за заштита на животната средина.
Како што соопшти бриселската полиција поради протестите можни се блокади и застои во сообраќајот во градот.
Стартот на протестите е закажан за утрово на платото Хејсел, во близина на бриселскиот саемски комплекс и стадионот „Крал Бодуен“, од каде според најавите земјоделците со своите трактори ќе се упатат кон т.н. европски кварт на Брисел, каде се сместени институциите на ЕУ, при што ќе минат преку голем дел од градот.
Се очекува протестите и блокадите во градот да траат до попладневните часови, поради што полицијата им препорачува на жителите на Брисел да користат јавен превоз, наместо да се движат со своите возила.