Новиот пристап кон С Македонија го поддржуваат 31 отсто од Бугарите, поддршката за тврдиот став падна на 49 отсто

Бугарското општество е поделено по однос на темата за С Македонија. Новиот пристап на Софија кон Скопје има поддршка од 31 отсто од бугарските граѓани, само два месеца по изборот на новата влада на Кирил Петков, според најновото истражување на „Алфа рисрч“. Сепак, и натаму преовладуваат приврзаниците на тврдиот став во дијалогот со С Македонија.
Иако поддршката за досегашниот став на Софија кон Скопје овој пат е значително намалена во споредба со претходните истражувања на јавното мислење (посебно во споредба со периодот на владеење на ГЕРБ на Бојко Борисов кога стигнуваше и до 80 отсто), таа и сега е за 18 процентни поени повисока од наклонетоста кон пофлексибилниот став што го промовираат новите бугарски власти.
„За најавениот нов, пофлексибилен пристап во преговорите со нашиот сосед се 31 отсто, но за придржување до досегашниот поцврст став се 49 отсто. По ова прашање, тенките црвени линии не минуваат само меѓу коалициските партнери, туку и кај нивните поддржувачи. Со исклучок на Демократска Бугарија, поддржувачите на сите партии во владејачката коалиција, вклучително и оние на Промената продолжува, му даваат предност на досегашниот пристап“, се наведува во истражувањето на „Алфа рисрч“.