
Паметните броила стануваат обврска – до 2031 година, 80% од домаќинствата ќе треба да имаат вакви уреди, со што ќе се укинат проценките, а сметките за струја ќе бидат поточно пресметани. Министерката за енергетика, Сања Божиновска, на денешниот брифинг со новинарите најави за пошироки реформи: поголема транспарентност во тарифите, нови обврски за дистрибутерите и подобра заштита на потрошувачите, подобрени механизми за надоместок или штети и нови регулаторни алатки за користични приговори.
„Ќе има до 80%, треба да ги набават до 8 години, а за 10 години 100 проценти да ги имаат новите паметни броила. Тоа не значи дека ќе треба да се чека до последно. ЕВН ќе има секако план кој постепено ќе ги набавува овие броила. Ќе има граѓански заедници, прв пат воведуваме за складирање на електрична енергија батерии, што многу ќе му олесни на МЕПСО бидејќи знаете што се случи во Шпанија и Италија. Исто новитет е 20 проценти од сите нови енергетски објекти ќе мораат да имаат батерии“, рече Божиновска.
Извршниот директор на ЕВН, Волфганг Маиер, истакна дека новиот закон за енергетика го поставува темелот на дигитализираната, транспарентна и ефиканса електродистрибуција.
„Процесот со паметни броила е континуиран процес, тоа не е нешто што ќе го почнеме после законот, ние веќе имаме инсталирано околу 200 илјади броила кои што се паметни, односно се отчитуваат далечински. Тој процес е континуиран и во наредните години ќе продолжи“, рече Маиер.
Александар Пауноски, заменик-директор на МЕПСО, смета дека операторот на преносниот систем е подготвен за имплементација на новите технички стандарди.
Министерката Божиновска посочи дека во иднина ќе започнат темите за обновливи извори, гасификација, енергетска ефикаснот, како и критичните минерали.
Ангел Димовски