
Новите царини што САД ги воведуваат за приближно 60 земји во светот, вклучително и онаа од 104 отсто за Кина, влегоа во сила. Царините го разнишаа глобалниот трговски поредок кој опстојува со децении, ги зголеми стравувањата од рецесија и избриша трилиони долари од пазарната вредност на големите фирми, пишува Ројтерс.
Кина е најтешко погодена од царините, но, не покажува знаци на повлекување, ветувајќи дека ќе води трговска војна „до крај“ и најавувајќи контрамерки за одбрана на своите интереси. Царините на Кина од 34 отсто за американските стоки треба да стапат во сила в четврток.
Трамп вчера рече дека неговата влада работи на „приспособени договори“ со трговските партнери, а од Белата куќа рекоа дека приоритет ќе им се даде на сојузниците како Јапонија и Јужна Кореја. Неговиот највисок трговски функционер Џејмисон Грир, исто така, изјави пред Сенатот дека Аргентина, Виетнам и Израел се меѓу оние кои понудиле да ги намалат нивните царини, пренесува „Гардијан“.
Трамп на вечерата во Националниот републикански конгресен комитет во Вашингтон синоќа го фалеше својот план за воведување царини велејќи дека лидерите од многу земји го бараат и молат за договор за царините, објави Еј-би-си њуз.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, вчера рече дека околу 70 земји и пристапиле на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп со барање за почеток на трговски преговори.