Новите владини мерки ги намалија посетителите на угостителските објекти во Струга

Новите владини рестриктивни мерки ги оставија празни угостителските објекти во Струга. Ако до вчера се бараше маса повеќе, од денеска се бара човек повеќе. Велат дека мерката требало да биде пролонгирана барем до завршувањето на туристичката сезона. Во отсуство на редари, таа улога, ја вршат или сопствениците или некои од вработените. Велат дека оваа мерка ќе удри директно по егзистенцијата на вакви или слични објекти.
Но за жал нема кого да контролираме. Може да видите од 10 – 15 маси има една маса – две маси. Страшно е. Денеска денот е празен. Имаме како со нож пресечена ситуација. Наеднаш се случува да немаме луѓе. Невозможно е да преживеат овие бизниси со ваков однос. Ние во Македонија за еден месец направивме можеби 5.000 свадби. И сега наеднаш, од денеска, не може во објектот да влезат 5 – 10 души невакцинирани – зијави Боро Симјаноски-угостител.
Ова е избрзана одлука. Со светлосна брзина ги носат одлуките. Откако стапи на сила Законот, ние почувствувавме дека работата е драстично намалена. И онака беше намалена, сега дополнителен проблем ќе се создаде. Ова ќе влијае многу негативно на економијата, бидејќи многу фамилии се хранат од угостителите. Но, ако продолжи со ова темпо ние ќе биде принудени да го ставаме клучот на врата – нагласи Илкер Гаваз-угостител.
Мерката ги дочека угостителите неподготвени. Па на речиси ниту еден објект не беше истакнато дека се примаат само вакцинирани граѓани.
„Да, ни побараа сертификат за вакцинација пред да седнеме и потоа не послужија. Не се плашам од ситуацијата, вакцинирани сме. Нормално, ситуацијата е алармантна и затоа сите мора да се вакцинираме“.
„Требаше и порано да се воведе оваа мерка, но бидејќи печалбарите требаше да дојдат, не беа дојдени, затоа малку задоцнија да може да се влегува и излегува од земјава со ПЦР тест. Да има помалку луѓе по објектите, бидејќи немаaт сертификти за вакцинација, но сега има голем интерес за вакцинација“.
Бројот на заразени во нашите најголеми туристички центри расте. Во Охрид бројот на хоспитализирани е 21 пациент, додека во Струга 24. И во двата града се уште има туристи, а се уште се овде и дел од печалбарите кои дојдоа подоцна.
Мики Трајковски