Ново мнозинство, ВМРО ДПМНЕ без детали

ВМРО ДПМНЕ и натаму не открива детали со кои политички партии конкретно преговара за формирање на новото парламентарно мнозинство, можност што ја објави во средата претседателот на партијата Христијан Мицкоски. По опозицијата од редовите на Албанците, и „Левица“ денеска негираше дека преговарала со ВМРО ДПМНЕ за формирање парламентарно мнозинство. Сепак, додаваат дека сакаат уривање на Владата на Заев.
Истото вчера го кажаа и од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива дека тие не се во преговори со ВМРО ДПМНЕ, но ја поддржуваат секоја иницијатива што ќе доведе до предвремени парламентарни избори. Од ДУИ велат дека не сметаат дека има потреба од ново парламентарно мнозинство, притоа потенцирајќи дека во моментов се насочени кон реализација на предизборната програма.
„Затоа, нема ни време, ниту желба, ниту волја да се биде дел од различни сценарија. Напротив, ние ја почитуваме волјата на граѓаните и тука сме да ја реализираме нашата програма за мандатот 2020 – 2024 година“.
СДСМ денеска го повтори ставот од вчера, дека не само што ќе нема ново мнозинство од опозицијата, туку дека владејачките партии наскоро ќе го прошират парламентарното мнозинство со опозициски пратеници кои според СДСМ ги сакаат политиките на власта. Парламентарното мнозинство во моментов има 62 пратеници, додека опозицијата 58, и и требаат уште тројца пратеници за да формира ново мнозинство.
Mefail Ismaili