Ново одложување на „Моќник“, обвинетите побараа превод на обвинението на албански јазик

Петто одложување на судењето „Моќниќ“. Случајот каде еден од обвинетите е и пратеникот на ВМРО – ДПМНЕ, Антонијо Милошоски никако да започне. Денеска за тројца обвинети проблем беше што обвинението но и доказите не се преведени на албански јазик, иако никој од нив тоа не го побара претходно од судот. Иако беше обезбеден судски преведувач, обвинетите инсистираа од сега натаму секој писмен документ да биде преведен и на албански – повикувајќи се на како што рекоа доследно почитување на Законот за употреба на јазиците. Реагираше и обвинителството.
„Ова е класична злоупотреба на правата. Ова ни е петти пат во судница и сега дојде оваа идеја на петтото рочиште. И јас сум за тоа да се почитува Законот за употреба на јазиците. На писмено ќе го добие преведено обвинението на албански веќе на следното рочиште“, рече обвинителката Фатиме Фетаи.
Веќе за в понеделник, обвинението ќе биде преведено на албански порача судот а документот ќе биде препратен до обвинетите кои го побараа тоа. Даут Даути еден од обвинетите посочи дека не е оддолговлекување на постапката тоа што побарале обвинението и доказите да им бидат преведени на мајчин јазик.
„Мислам дека тоа е едно основно законско право кое е стекнато и нормално е ние да побараме такво нешто“, рече Даути.
Во „Моќниќ“ обвинети се вкупно 13 лица. Меѓу нив е пратеникот Антонијо Милошоски и неговиот татко како и поранешниот претседател на Лустрациската комисија, Томе Аџиев за нарачана лустрација, но и за незаконска продажба на зграда во село Ижишта која била во сопственост на општина Македонски Брод а ја користела општина Пласница. Имотот потоа е продаден на таткото на Антонијо, Милош Милошоски, а штетата врз буџетот со продажбата е процената на 50 илјади евра.
Бојан Стојановски