Ново судење за прислушувањата, но заборавија да го донесат обвинетиот

Започна повторното судење за предметот за масовното прислушување во земјава, „Таргет-Тврдина“, но без суштинска расправа. Уште на самиот старт, првото рочиште е одложено. Причина е пропустот на судот, кој не издал наредба за спроведување на обвинетиот Тони Јакимовски, кој пак се наоѓа во куќен притвор во Охрид. Судот му испратил покана на Јакимовски, но не и наредба за спровод до полицијата.
Повторното судење ги собра одново на исто место сите обвинети, меѓу кои и поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков. Во првото судење тој за нелегалното прислушување, односно за „злосторничко здружување“ и „примање награда за противзаконито дејствие“ заработи 12 години затворска казна, но предметот пред два месеца Апелација го врати во Основниот суд. Судиите од Апелација образложија дека во првостепената пресуда немало опис на кривичните дела за кои Мијалков и останатите обвинети се прогласени за виновни, по што следуваа голем критики во јавноста. Апелацискиот суд сепак бараше точно да се утврди колку лица биле прислушувани, преку кои уреди и во кој период.
Судењето за „Таргет-Тврдина“ започна на крајот на 2017 година и по три години расправа судијата Илија Трпков ја објави пресудата, која пак потоа одбраната ја обжали пред Апелација. На Апелација пак ѝ требаа две години да решава по жалбата, по што судењето од денеска повторно стартува. Големи полемики покрена прашањето дали некој воопшто ќе одговара за масовното прислушување, со оглед на фактот дека делото застарува за две години отсега, а веќе пет години се влече низ судските лавиринти, за сега да почне од почеток.
Претходно од Кривичниот суд најавија дека судењето ќе се интензивира и нема да се дозволи застарување. Обвинението го покрена тогашното СЈО и се уште го застапуваат Артан Ајро и Трајче Пеливанов. Во првичната пресуда, која не дочека правосилност, сите обвинети заработија затворски казни. Покрај Мијалков, осудена на 4 години затвор беше и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска. Ново рочиште е закажано за утре.
Лука Андреев