Новогодишни честитки од државниот врв и партиски лидери

Претседателот Стево Пендаровски во новогодишната честитка на граѓаните им посака надеж. Тој потсети на економските и безбедносните предизвици кои ја одбележаа 2022-рата, но додаде дека во годината сме биле сведоци и на хуманост и солидарност, што, според него, ја враќа надежта во општото добро и во одговорноста еден кон друг.
„Државата е домот што можеме да го градиме само заедно, сплотени околу визијата за хумано, праведно и просперитетно општество во кое ќе има место за сите. За да ја достигнеме заедничката цел кон која се стремиме уште од почетокот на македонската независност, потребна ни е посветеност и надеж дека ќе биде подобро“, порача Пендаровски.
Собранискиот спикер Талат Џафери посака во наредната година да се занемарат разликите кои потекнуваат од етничка, верска и партиска припадност и сите заедно да се фокусираат на евроинтеграцискиот пат на земјата.
„Сите заедно, без оглед на сите вештачки поделби, ако сме единствени околу тоа што не обединува, а тоа е Република Северна Македонија да биде дом на нашата младина, земја со европски стандарди и вредности, тогаш мораме да си веруваме, да се почитуваме, меѓу нас внатре и надвор со нашите соседи“, порача спикерот Џафери.
Во честитката, премиерот Димитар Ковачевски пак, кажа дека ќе го искористи сето свое искуство за во наредната година да се подобри животниот стандард.
„Можам со сигурност да кажам дека наредната година ќе биде подобра. Платите и пензиите ќе продолжат да растат, завршени се големи проекти важни за државата, а продолжуваме понатаму со нови инвестиции кои ќе значат подобар живот за сите. Затоа што никого не оставаме сам. Никој, никогаш нема да биде оставен сам“, рече Ковачевски.
Од друга страна, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека промените во државата се веќе започнати, а во новата година, како што додаде, е време власта да се врати кај народот.
„2023 ќе биде година во која промените ќе ја доживеат својата полна сила. Ќе има многу проекти. Поголем број на помали и една голема победа. Ќе биде подобро, доаѓаат подобри времиња. Предавствата ќе паднат, моралот ќе се врати, законитост ќе има“, рече Мицкоски.
Претседателот на БЕСА, Биљал Касами најави дека партијата во 2023 ќе продолжи да ја поддржува евроинтеграцијата, но воедно потсети дека поддршката за уставните измени ќе биде условена.
„Движењето БЕСА ќе биде чувар на секој албански граѓанин, чувар на нивните права во Северна Македонија. Несомнено велиме дека уставните измени ќе имаат наш глас само доколку терминот 20% се тргне од Уставот и се замени со албански јазик како официјален јазик. Нашиот пат е јасен, Движењето БЕСА и во минатото го поддржуваше интегративниот процес на земјата во евроатлантските структури, но и сега одржуваме прозападна позиција, земајќи ги предвид правата на Албанците“, рече Касами.
Новата година ја честитаа и од Алијанса за Албанците од каде истакнаа дека ќе бидат посветени на градење на подобра иднина, преку дела, а не само со изјави и желби.
Лука Андреев