ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

О’Брајан повторно го критикува ВМРО: „Едните имаат пат кон ЕУ, другите не!“

Специјалниот претставник на САД за Европа, Џејмс О’Брајан во интервју за МИА вели дека изборите во земјава претставуваат јасен избор помеѓу луѓе кои имаат пат кон Европа и луѓе чие минато покажува дека не се заинтересирани за пристапување во ЕУ. Тој ова го одговори на прашањето поврзано со уставните измени, односно дека на политичката сцена кај нас се издвоиле европски фронт од една страна и опозициската ВМРО-ДПМНЕ која најавува дека ќе бара решение како понатаму да се продолжи европската интеграција. Според О’Брајан важно е сите да ги искажат своите ставови.

Advertisements

„Важно е да се прашаат кандидатите каков им е планот за во иднина. Има еден пат што е означен, тој е контроверзен и секој граѓанин треба да донесе сопствена одлука. И постои пат што не е опишан и реално е прашањето дали воопшто постои или само претставува погоден начин за да се избегне да се каже дека всушност нема пат“, вели Џејмс О’Брајан – помошник државен секретар на САД за европски прашања.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска повеќе детали за нивниот план најавија во изборната програма.

„ВМРО-ДПМНЕ докажано секогаш била проевропски ориентирана, а во однос на главното прашање со Бугарија, ВМРО-ДПМНЕ има прецизни решенија коишто ќе бидат дел од изборната програма, каде до граѓаните ќе се понудат и решенија и за сите други прашања за коишто граѓаните повеќе се заинтересирани, како што се прашањата за економскиот раст“, рече Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку во интервјуто О’Брајан додаде дека САД силно го поддржува патот на евроинтеграцијата на Македонија. Според него, охрабрувачки чекор е што Европската Унија на декемврискиот Самит ја потврдила интеграцијата за девет држави. Тој смета дека единството што Унијата го покажала во однос на проширувањето и со Украина смета дека ќе преовлада и со другите земји кандидати, меѓу кои и Македонија.

„Фокусот на европските политики и геополитиката е сите земји да бидат дел од ЕУ. И повторно, затоа се важни овие избори. Доколку луѓето продолжат по патот на кој се наоѓаат, јас сум уверен дека процесот ќе се движи напред во следните неколку години. Доколку се потрошат годините барајќи друг пат, тоа мислам дека ќе го успори напредокот на земјата кон Европа“, додава О’Брајан.

Запрашан пак, за посетата на Вашингтон на првите луѓе на партиите што го сочинуваат опозицискиот „Европски сојуз за промени“, Меџити, Касами и Гаши, О’Брајан искоментира дека за САД е важно граѓаните во земјава да имаат можност да дадат јасен глас околу нивната континуирана посветеност на патот кон Европа. Тој сепак додаде дека колку повеќе е фрагментиран политичкиот простор, толку понејасна ќе биде оваа порака.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button