Објавен годишниот извештај на ЕУ, Македонија без напредок во многу области

Македонија нема напредок во јакнење на независноста на судството, ниту пак во борбата против корупцијата – ова е оценката на Европската Комисија во најновиот Извештај за напредокот на земјава. Според Брисел, корупцијата останува премногу распространета во многу области и состојбата е загрижувачка. Најголем фокус во Извештајот добија судските предмети за висока корупција, особено оние што ги покрена Специјалното јавно обвинителство, а во оваа насока не изостанаа критиките за неодамнешните измени на Кривичниот законик.
„Кривичниот законик беше изменет во забрзана собраниска процедура. Максималните законски казни за конкретни дела поврзани со корупција беа намалени, што имаше импликации на застареноста на предметите, а тоа влијаеше, па дури и прекина голем број случаи на корупција на високо ниво, вклучително и од поранешното Специјално јавно обвинителство. Измените, исто така, ја попречуваат можноста на властите да ги истражат и гонат ваквите прекршоци. Ова е прашање за сериозна загриженост“, се вели во Извештајот.
Извештај на ЕК:
– Кривичниот законик изменет во забрзана собраниска процедура
– Импликации за застареност на предметите
– Прекинати многу случаи на корупција на високо ниво
– Измените спречуваат истраги и гонење
– Ова е прашање за сериозна загриженост
Во Извештајот се нотира и дека се зголемува бројот на незавршени судски предмети. Според Комисијата, ова особено е забележливо во случаите од поранешното СЈО, а како причини најчесто се споменувале одложувањето на рочиштата поради здравствени причини на странките, како и поради промена на судиите што ги водат предметите. Поради ваквата ситуација, како што се додава во Извештајот, мора да има одговорност кај судиите. Според Брисел, затоа треба да се зајакне работата на Судскиот совет, чија работа воопшто не доби пофални зборови во Извештајот.
„Контроверзното разрешување на Претседателот на Судскиот совет резултира со загриженост за несоодветно политичко влијание. Воедно, усвојувањето на новата стратегија за реформи во правосудството доцни“, се додава во Извештајот.
Европската Комисија оценува дека земјава има умерено ниво на подготовеност за примена на ЕУ стандардите во борбата против корупцијата и правосудството. Комисијата во овие области ги повтори препораките што ги даде и лани, бидејќи, како што се истакнува, тие не биле имплементирани.
Лука Андреев