Објавен нов меѓународен тендер за електрична конекција со Албанија

АД МЕПСО објави меѓународен тендер за изградба на 400-киловoлтната конекција со Албанија, проект за комплетирање на регионалниот енергетски коридор Исток-Запад што е од клучно значење за регионалната интеграција и за енергетската стабилност на државата.
Новиот тендер е објавен откако, како што објаснуваат од компанијата, претходниот изведувач преку неоправдани барања за дополнителни средства и еднострано напуштање на теренот го загрози проектот и јавниот интерес поради што беше раскинат договорот со него.
Со тендерот се предвидува изградба на 100-тина километри надземен далновод од Трансформаторската станица Битола 2 до македонско-албанската граница во вредност од околу 17 милиони евра, финасирани преку заем и грантови од ЕБОР и европските фондови.
Рокот на доставување на понуди е 45 дена, а се очекува во третиот квартал од годинава да биде избран најповолниот понудувач. Реализацијата на проектот треба да почне на почетокот на следната година, а целосно да биде завршен до крајот на 2027 година.