Образование ќе предложи кратење на процедурата за рецензија на учебниците

За да не се повторат случаи како годинава кога рецензентите се повлекоа, и учениците останаа без учебници, од Министерството за образование најавија измени на Законот за основно и за средно образование. Министерот Јетон Шаќири вели дека со законските измени ќе се предвиди во случаи кога рецензентите ќе се повлечат, нивната обврска да ја завршат советниците на Бирото за развој на образованието, во зависност од одредениот предмет.
„За конкретната книга „Историја и општество“ на почетокот на јануари до Владата ќе поднесам предлог-измени на законот за учебници во основното и средното образование, за кога ќе имаме одредени вакви случаи, да имаме правна можност Бирото да даде оценки за наставната програма, бидејќи Бирото има советници по предметот Историја и општество. Очекувам поддршка од сите политички партии и да се реши овој долгогодишен проблем“, рече Шаќири.
Шаќири исто така најави и воведување дигитализирани учебници за четврто, петто и шесто одделение.
„Тие се достапни на посебна онлајн платформа и официјално можат да се користат не како замена за печатените текстови туку како дополнителна опција која може да го олесни процесот на стекнување знаење. Станува збор за учебници кои содржат многу мултимедијални елементи како видеа, фотографии, илустрации, квизови и слични содржини кои докажано го прават учењето интересно за младите“, додава Шаќири.
Платформата настава.мк не предвидува дигитализација на текстовите за прво, второ и трето одделение, бидејќи според Шаќири, педагошките препораки велат дека овој период од развојот на децата треба да биде насочен кон книгите и пишаниот збор.
Мелихате Рустеми