ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Обвинение против Мерко – набавил ауди со блокирана општина сметка

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко заврши со обвинение за злоупотреба на службената положба. Причина е набавката на патнички возила, меѓу кои и луксузното Ауди, во период кога сметката на општина Струга беше блокирана. Антикорупциската комисија уште во 2020-тата година поднесе иницијатива за кривично гонење на Мерко за набавката на возилото вредно 67 илјади евра. Ова на брифинг со новинарите го соопшти шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази заедно со останатите обвинители.

Advertisements

За купувањето на трговскиот центар Соравија од страна на внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети, обвинителите рекоа дека единици во МВР активно работат на прибирање на документацијата. Тие сепак не одговорија дали исказ дал и Дрин Ахмети. Од Обвинителството брифираат дека во предистрагата вклучени се и финанското разузнавање, како и УЈП, а се утврдува и поврзаноста на лицата во предметот со државните институции. Се бараат податоци и од Фондот за иновации, МВР, централниот депозитар, како и податоци од трети земји без да прецизираат кои.

Обвинителите споделија информации и за случајот Бехтел-Енка. Тие ги испитуваат јавните набавки за изборот на фирма што треба да врши надзор над градбата, како и надзор над правните акти. Велат дека се соработува со Заводот за ревизија и прибрана е обемна документација.

Од Обвинителството за организиран криминал најавија дека наскоро ќе се донесе одлука и за предметот за изградбата на модуларните болници, за што се собрани податоци од Министерството за здравство, за транспорт и врски, како и од Светска банка. Во делото пак за изградбата кај Холидеј ин, обвинителите не пронашле штета по буџетот. Нема да се гони ниту екс-министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за предметот со станицата за технички преглед Виа комерц, за која Спасовски не го потпишал решението за затворање иако кај неа беа утврдени неправилности.

Абази, прашан за критиките од Антикорупциската комисија дека не се преточуваат во обвинение, кажа дека голем дел од нив биле празни и по нив немало основа да се постапува.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button