Обвинителите со негативно мислење за разрешувањето на Коцевски

Советот на јавни обвинители застана зад Љупчо Коцевски – предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител доби негативна оценка. За прифаќање на предлогот гласаа тројца, додеа шестмина членови на советот беа против. За време на дискусијата по предлогот јавноста беше исклучена, а обвинителите дебатираа зад затворени врати.
„Членовите на советот разгледувајќи го предлогот на Владата на Република Северна Македонија по однос на разрешувањето на државниот обвинител на Северна Македонија, донесе одлука со мнозинството гласови на членовите на советот и дава негативно мислење по однос на предлогот на владата за разрешувањето. Јавноста беше исклучена по предлог на член на советот којшто едногласно беше прифатен од страна на другите членови и со двотретинско мнозинство јавноста беше исклучена се заради зачувување на угледот и интегритетот на јавниот обвинител“, рече Душица Димитриевска, претседателка на советот на јавни обвинители.
Во законот стои дека дури и со вакво негативно мислење може да се закаже седница во Собранието каде пратениците со 61 глас ќе имаат прилика да го разрешат Коцевски. Меѓутоа, и покрај тоа што Владата ја започна постапката за негова смена, во меѓувреме ја запре истата. По трагедијата во Кочани премиерот Мицкоски рече дека фокусот се става на истрагата и дека поради сензитивноста на случајот, но и поради тоа што правда мора да се испорача, Коцевски ќе продолжи да го води обвинителството. Тоа пак, значи дека откако Владата ќе го добие негативното мислење од Советот истото нема да го проследи до Собранието за пратениците да закажат седница, туку ќе го чува во фиока.
Законски рок до кога Владата би требала да го испрати мислењето на Советот во Собранието нема. Инаку токму Владата го задолжи Министерството за правда да изготви предлог за разрешување на Коцевски откако премиерот со месеци јавно зборуваше дека е незадоволен од неговата работа. Во предлогот за негово разрешување, а во кој Алсат имаше увид пишуваше дека на чело со Коцевски обвинителството станало неефикасно, го нарушил неговиот углед, но и споделувал информации од судски постапки што е спротивно на законот.
Михајло Донев