ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Обвинителство: Оформен е предмет за Артан Груби и Енвер Беџети

Обвинителството оформи предмет за поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелациониот судија Енвер Беџети, откако и двајцата претходно се најдоа на црната листа на САД. Ова го соопшти државниот јавен обвинител Љубомир Коцевски на денешниот брифинг со новинарите, кој посочи дека ќе се истражуваат сите наводите за трговија со влијание.

Advertisements

„Со оглед на сериозноста на наводите јас уште вчера оформив предмет со цел да ја утврдиме одговорноста на лицата. Предметот е доставен до надлежното обвинителство. Во текот на постапувањето надлежен обвинител ќе постапува за тоа кој е давател, а кој примател на поткупот, сето тоа ќе се истражува“, рече Коцевски.

Поранешниот прв вицепремиер од ДУИ, Артан Груби, и судијата Енвер Беџети се ставени на „црната листа“ поради примање поткуп во врска со предметите што се воделе против ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков. Коцевски рече дека за овој случај обвинителството ќе ја продолжи одличната соработка со американската амбасада. Амбасадорката на САД во земјава Анџела Агелер вчера рече дека тие поседуваат докази за Груби и Беџети.

За  судијата Беџети, Судскиот совет под притисок на јавноста, отвори предмет бидејќи случајот за масовното незаконско прислушување го чувал во фиока  поради што застаре делото против Мијалков кој првостепено беше осуден на 12 години затвор. За неразумното долго чување на предметот против Беџети се водеше дисциплинска постапка во Судскиот совет, која предизвика потрес во Советот за на крај тој да биде само парично казнет со 20 проценти од платата во период од шест месеци. Исто така, во неговите фиоки три години беше чуван и коруптивниот предмет „Транспортер”, со битолскиот ексградоначалник Владимир Талевски.

Михајло Донев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button