Обвинителството на Русковска ја проверува пријавата против обвинителите

Обвинителството предводено од Вилма Русковска ги проверува наводите на Државното правобранителство и отвори предистрага за обвинителите Артан Ајро и Гаврил Бубевски, како и за поранешниот истражител на СЈО, Арафат Муареми. Ова следи откако правобранителството во понеделникот поднесе кривична пријава против нив за злосторничко здружување заради злоупотреба на службена положба и овластување и несовесно работење во случајот Труст, односно прифатиле како гаранција имот кој бил преходно ставен под хипотека. Тие ги отфрлија обвинувањата.
„Во предметот „Труст“, во кој постапувавме како надлежни јавни обвинители, ги презедовме сите мерки и активности во наша надлежност. Задача на обвинителството е да ја лоцира имотната корист, да побара од судот нејзино замрзнување и на крајот на судската постапка да предложи нејзина конфискација“, се наведува во изјавата на обвинителите Ајро и Бубевски.
Реагираа од Државното правобранителство од каде велат дека обвинителите немаат конкретни докази дека постапиле правилно.¬
„Обвинителите во својата изјава не образложија зошто не презеле ништо кога се утврдило дека имотот не е на Трансмет, и зошто тогаш не предложиле проширена конфискација спрема трети лица. Што направиле за да спречат ова што сега се случува? Кои докази ги предлагаат во поткрепа на нивните наводи“, наведуваат од Државното правобранителство.
За истиот случај, постапка се води и против државниот правобранител Стафа. Управата за финансиска полиција каде е директор Муареми отворил предмет против актуелниот правобранител за да се испитаат наводни врски меѓу него и Кочан. Според неделникот „Фокус“, под лупа на Управата е имот во Бутел кој бил во сопственост на братучед на Кочан, а новиот сопственик, наводно му го подарил на државниот правобранител.
Државното правобранителство во кривичната пријава наведува дека обвинителите конфискувале имот на „Трансмет“ од кој најголем дел веќе бил даден под хипотека, односно дека го презеле заедно со се долговите на фирмата. Иако во граѓанска постапка Државното правобранителство барало да се избришат долговите на „Трансмет“, одговорот од Граѓанскиот суд бил дека тоа требало да го побара обвинител во кривична постапка.
Конфискуван е имот од над 17 милиони евра, но сите пари треба да се вратат на банки или на фирми – 15 милиони евра ќе се исплатат на банките каде имотот бил под хипотека, додека остатокот од 2 милиони евра на други фирми. Сеад Кочан е осуден во случајот „Труст“ на 4 години и 8 месеци затвор, поради добиен тендер од ЕЛЕМ со лажни документи за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола.
Игор Стефановски