Обвинителството очекува осудителна пресуда и конфискација на имотот на обвинетите во случајот „Адитив“

Обвинителството очекува осудителна пресуда и конфискација на имотот на обвинетите во случајот „Адитив“, поради основано сомнение за злосторничко здружување и перење пари. Јавната обвинителка Наташа Поп Трајкова денеска изјави дека располагаат со доволно материјални и вербални докази кои ќе ја докажат вината на обвинетите. Во однос на фактот шро во случајот има обвинето цели семејства, рече дека е бидејќи преку нивните сметки или фирми се вршеле фиктивни трансакции, а за истрагата за претседателката на ДКСК, Татјана Димириевска, кажа дека е во тек и обвинителството анализира голем број електронски податоци.
По завршување на првото рочиште од судењето кое се одржа во дигиталната судница при КПУ Идризово, јавната обвинителка Наташа Поп Трајкова изјави дека обвинителството ќе ја докаже морална распаднатост на системот на управување на АД ЕСМ во времето кога обвинетите ги вршеле своите службени должности и рече дека се надеваат не само на осудителна пресуда, туку и пресуда со која ќе се изврши конфискација на имотот.
-Ќе докажеме дека во секој еден дел од обвинението дека обвинетите се организирале во злосторничко здружување со цел вршење на кривичните дела кои се однесуваат на перење пари и други приноси од казниво дело. Обвинителството располага со голем број на материјални и вербални докази кои што ќе бидат изведени во текот на оваа постапка и Обвинителството е убедено дека ќе го докажеме секој еден сегмент кој стои на товар на обвинетите и се надеваме дека по изведување на приложените докази судот ќе донесе не само осудителна пресуда, туку и пресуда со која ќе се изврши конфискација на имотот за кој обвинителството уште пред донесување на наредбата за истражна постапка побара замрзнување на овие имоти како не би можеле обвинетите да располагаат со истите, а во исто време како државата би била намирена за своето оштетно побарување кое се движи во стотици милиони денари штета, рече таа.