Обвинителството побара максимални казни за Мијалков, Грујевски и Николиќ за масовното прислушување

Обвинителството побара максимални казни за Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Надица Николиќ, обвинети во „Таргет – Тврдина“. Во завршен збор кој траеше повеќе од седум часа, обвинителите посочија дека нелегално во земјава прислушувала тајната полиција а не странски служби.
Во оваа насока иако е запретена максимална казна затвор до пет години, сепак имајќи ги предвид последиците на кривичното дело и импактот кои овие последици го имаат како на имотот на лицата чии комуникации биле незаконски следени така и на целокупните општествени процеси сметаме дека нема пречки за обвинетите Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Надица Николиќ како созадавачи на групата да им бидат изречени максимални казни затвор за секое од кривичните дела кои им се ставаат на товар – изјави Ленче Ристовска, обвинителка.
Ристовска дополнително посочи, дека не може да разбере како расформираната УБК прислушувала толку долго, без страв дека ќе избие скандал, како оние од минатото мислејќи на случајот „Големото уво“ како и на аферата „Дувло“ од 1992 за кои нема судска разрешница.
Дали одговорните лица во институциите на системот во УБК конкретно не ја научија лекцијата од минатите искуства и повторно посегнаа по приватните животи на луѓето. Дали тоа што отсуствуваше правна разрешница во претходните скандали на прислушување е причина поради која ни се случи овој трет најголем во обем стадиум на прислушување во кој во крајна дрскост и без обзирно се поместени границите на почитување на правата на другите – рече Ленче Ристовска, обвинителка.
Обвинителството прецизно во седум часа ги образложи сите рочишта досега. Се прислушувало во УБК. Биле следени 4286 броеви а нелегално снимани разговорите на над 20 илјади граѓани. Откако во јавноста беа најавените така наречени „бомби“, системот за следење на комуникации е уништен. Но обвинителството тврди дека тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков сега обвинет, прислушувани разговори слушал во неговата канцеларија. Агенцијата за национална безбедност која се формираше по згаснувањето на УБК, пријави оштетно побарување за уништување на опремата за прислушување.
АНБ останува на предлогот за имотно правно барање во висина од 1 милион 418 илјади евра – нагласи Радица Малевска, Агенција за национална безбедност.
Во „Тарегет – Тврдина“ за нелегалното децениско прислушување и уништувањето опрема за следење на комуникациите, обвинети се 12 лица. Освен Сашо Мијалков, обвинети се пребеганите тајни агенти Горан Грујевски и Никола Бошковски, поранешната министерка за полиција Гордана Јанкулоска и уште осум лица. Обвинетите својот завршен збор ќе го дадат на 19 – ти февруари.
Бојан Стојановски