Обвинителството покрена истрага против инвеститор за изградба на зграда без дозвола во Чаир
Обвинителството покрена истрага против инвеститор за изградба на зграда без дозвола во Чаир

Основното јавно обвинителство поведе истрага против физичко лице за сторено кривично дело „бесправна градба“ од член 244 од Кривичниот законик. Според Обвинителството, објектот е почнат да се гради во 2024 година, без дозвола, на државна парцела, на улицата „Кемал Сејфула“ во Чаир. Осомничениот е инвеститор на зграда со деловен простор, подрум, приземје, шест ката и поткровје, сите за продажба. Против осомничениот, Обвинителството од Судот побарало мерки за претпазливост, континуирано појавување на суд, одземање на пасошот и забрана за градење во објектот.
„По наредба на јавен обвинител, судски експерт од областа на градежништвото ја констатирал тековната фаза на градба и тоа изведба на работи со арматура и бетон, целосно бетонска скелетна конструкција, столбови, греди и бетон од подрум до шести кат, како и изградба на надворешни и внатрешни ѕидови од тули“, велат од ОЈО.
Истрагата на обвинителството дојде по пријавата на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Десет дена по ред, без никакво предупредување, излегуваше на терен, главно во Чаир, барајќи отчет од работниците дали имаат дозвола за градежните активности што ги изведуваат. Арсовска пријавила во полицијата и закана по живот. Сепак, сите овие активности на крајот на мандатот, министерот за внатрешни работи ги нарекува циркус.
За постапките на Арсовска, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, неодамна во интерју за Алсат рече дека зад неа стојат, како што ги нарече, „мажите на ДУИ“, кои исто така го спречуваат извршувањето на активностите за чистење на општината од отпад. Според Ганиу, ДУИ, во соработка со Левица, намерно не дозволуваат собирање на отпадот во општина Чаир./Алсат.мк
Зекирија Хаџиу