Обвинителството се откажа од гонење на внукот на претседателот на ДУИ

Обвинителството се откажа од кривично гонење на внукот на претседателот на ДУИ, Дрин Ахмети, во врска со пиротехничките средства кои му беа одземени вечерта на 30 декември 2023 година, во неговиот автомобил „Ренџ Ровер“ со албански регистарски таблички, за време на полициска контрола во Скопје.
Од Обвинителството за Алсат, нагласуваат дека според извештајот, огнометот кој е пронајден и одземен, не е во големи количини што може да поведе кривично гонење и евентуална кривична одговорност, додека во прилог на тоа оди и фактот што Министерството за внатрешни работи како релевантен орган за инцидентот поднел известување, а не кривична пријава до Обвинителството.
„Во текот на постапката беше утврдено дека не се исполнети законските обележја на кривичното дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи од чл.396 од КЗ, ниту пак на било кое друго кривично дело за кое гонењето се презема по службена должност“, велат од ОЈО.
Сепак, Обвинителството констатирало дека има само прекршок, за што е предвидена глоба од 200 до 400 евра. Прекршокот се однесува само на немање дозвола за превоз на пиротехнички средства. Обвинителството посочува дека Ахмети за нивна набавка имал фактура од продавница специјализирана за продажба на пиротехника.
„Вештак изврши увид и анализа на запленетите пиротехнички средства и констатираше за каков вид на пиротехнички производи станува збор. Согласно извршеното вештачење, во конкретниот случај се работи за 7 петарди и 15 кутии со ракети за огномет, чии испалувања биле евидентирани поединечно, но во суштина се поврзани и претставуваат една целина“, наведуваат од ОЈО Скопје.
Сепак, за Дрин Ахмети продолжува уште една истрага. Поточно, за случајот со кој и стана познат на јавноста во 2023 година, откако беше обелоденето дека е сопственик на 39 отсто од акциите на Т.Ц „Соравија“ во Скопје. И покрај тоа што цената на акциите чини неколку милиони евра, Дрин Ахмети на јавноста и објасни дека овие акции ги добил без да вложи ни денар. Неговото појаснување беше дека заедно со неговиот деловен партнер од Албанија, Владимир Пјетер Ѓока, ја купиле Соравија преку кредитна линија врз основа на бизнис идеја, која банката му ја доверила. Обвинителството продолжува да го истражува случајот. За Алсат потенцираат дека поголем дел од документацијата е обезбедена и анализирана и се очекува анализа на дел од документацијата. Се преземаат и други предистражни дејствија, побарана е правна помош од САД за утврдување на одредени релевантни факти, додека американските власти побараа дополнителни податоци од властите во Македонија кои се доставени.
Суад Бајрами