Обвинителството во Велес работи со десеткуван кадар

Еден јавно-обвинителски службеник има задача да им помага на сите пет обвинители во велешкото обвинителство. Тој е ангажиран како помлад соработник, а за да може обвинителството нормално да функционира потребни се уште седум вакви стручни соработници. Повеќето треба да имаат повисок статус, а не да се вработени на ниво на почетници, но ги нема. Шефицата на велешкото обвинителство Гордана Тодорова за Алсат вели дека поради недостатокот на стручни сорабнотници обвинителите немаат доволна логистичка помош при работењето.
„Во вакви услови јавните обвинители се оставени без стручна поддршка во извршувањето на нивната работа, во смисла на преземање на истражни дејствија коишто можат да бидат доверени и на јавно – обвинителстката стручна служба, со што обвинителите би добиле повеќе време, поцелосно да се посветат на проучување на кривичните предмети“, вели Тодорова.
Но, ова не е единствениот проблем со кој се соочуваа. Во ОЈО Велес нема ниту кој да ги достави поканите за распит за осомничените, како и да ги извести за завршени истраги, бидејќи нема вработено доставувач. На последниот оглас се пријавиле двајца, но условите наложуваат да познаваат англиски јазик, што не било случај кај ниту еден од кандидатите. Па така сега покани за распит во ОЈО Велес се праќаат преку пошта. Во обвинителство наместо 5, има само двајца записничари, кои треба да ги запишуваат исказите на повиканите на распит во обвинителството. Проблем е и кога ќе треба обвинител да излезе на терен, зашто немаат возач.
„Основното јавно обвинителство Велес наоаѓа на добра соработка како со началникот на СВР Велес, така и со претседателот на Основниот суд во Велес кои во случаи на потреба ни ставаат на располагање лица коишто го управуваат возилото, се со цел да може Обвинителите наврмено да ги изврши своите задачи кои се предвидени со ЗКП (Закон за кривична постапка)“, додава Тодорова.
Во ОЈО Велес покрај првиот човек на Обвинителството, треба да работат уште осум обвинители. Недостасуваат тројца. Цели 12 години нема ново обвинителско освежување. Последно вработување било во 2011 година, кога Советот на јавни обвинители избрал еден обвинител за ОЈО Велес.
Игор Стефановски